Од осаменост јас станав пијаница за пример и ноќум започна врз мене гласовна пресија: слушам еднаш, ме вика некој по татково име кога, што ќе видам, ѓавол - ете ти чудесија! Ѓаволот си молчи, ни фалба ни прекор, а јас се осмелив и тивкичко му реков: «Јас, со коњак се изнапив и сум дрво, а ти, галиба, си пиеш шпиритус чист! Послушај ти, ѓаволченце мое прво, седи со мене, брат, ти ко мене си ист! Белким не си плашлив, имаш вера цврста, слези ми од рамењата, нема да те крстам!» И отвори уста ѓаволот, не му била со резе, го знаел Борисов, пијаница што ни е шеф; ѓаволот се задавуваше голтајќи леб за мезе и пиеше од коњакот, се наливаше со ќеф. Сврши коњакот но јас не сум плачна чупа, ќе отидеме до танц-салата и нов ќе купам. Но уморен сум, па ѓаволот заминува сам... Спијам ко заклан, одново ѓавол, се думам, дали тој пак мене ми се привидува, не знам, или тоа и јас нему привидение му глумам. Ѓаволот опцу со една антологиска пцоста ме бакна и ме освои со таа тактика проста. Му се изнасмеав до задавување и го прашав како таму во адот нашите пијаници се држат, се зборува дека ги подготвуваат за во каша, дека ги фламбираат и на шпиритус ги пржат. Ѓаволот пак опцу и рече дека и таму често погрешни луѓе ставаат на погрешно место. Се разденило, прозорецот со сонце е китен, на ѓаволот чашка за мамурлакот му сипам а тој исчезнал, како сламка во речен вител, но јас сепак го чекам пред мене да срипа. Не оти сум нешто штракнат туку само знам - да пиеш со ѓаволот е подобро одошто сам.
© Љубомир Бочваров. Превод, 2013