Пространството се преврте од крај до крај зашто едни мозоци сред катран зазеленија: решија ѓаволите во Пеколот да изградат рај, привлечно општество за идните поколенија. А агентот Шејтан, што Пеколот го шпионира, начу за планот, во Центарот извести срочно; «Во Пеколов замислуваат нешто што шокира, но Ѓаволот сам не знае како ќе биде точно!» А на Амор, шефот на сите рајски диверзанти, Шејтан јави дека западнал во безнадежни беди: морал да прими и да носи џи-пи-ес импланти за така ѓаволската власт постојано да го следи! А во тоа време во Пеколот, лично Велзевул, пред построените муви викна со силен глас: «Верно е, ни јас ништо подобро не сум чул - само рајското општество за Пеколот е спас!» Со солзи радосници ѓаволите си ветија чудо, рај да стане царството на подземната банда! Мора да се зголеми продуктивноста на трудот, секој мора пет грешници да има под команда! «Нема пишман», Ѓаволот рече.«Јас ве водам, со Господ напред, и ние ќе бидеме спасени!» Грешниците желно поверуваа во таа згода а толпи ангели во Рајот трепереа ужасени! И сите ангели, цели легиони, во таа скука, појдоа при Оној Кој е надлежен за повелање. А тој им рече дека на сиот страв им плука, дури кажа и дека многумина се за стрелање, дека Ѓаволот е провокатор и луд кретен, неговите викови и сплетки се стара мода, дека и ангелите се копилиња сите до еден, а агентот Шејтан на Ѓаволот му се продал. «Ова не е рај а вистинска умоболница стана! Си одам на Земјата, таму не бев толку напнат! Бегајќи од Рајов, кај луѓето џенем ќе фанам, потеатрално отпорано, пак нека ме распнат!» Се спушти Тој, но каде престојува Тој Вишен? Дали е оној што пред црквата пијан остинал и на богомолците им кричи со празно шише велејќи дека е Бог и да му дадат милостина? Жален е крајот, плач за сите, нема мед и млеко! Споредено со ова, што е пропаста на Троја? Одамна веќе во Рајот нема рај туку само пекол и сега Пеколот како ѓаволски рај го бројат.
© Љубомир Бочваров. Превод, 2013