Се смеам горко, како во огледало искривено, изгледа, со вешта шега некои ме почестиле: носот ми е кукест, сум се оклештил здивено, ко во венецијански карневал да ме сместиле! Крај мене во див танц толпата се тресе и мене ме вовлекуваат со нив да каскам а моето нормално лице на човек чесен сите го третираат како да е моја маска. Петардите и конфетите во огнометен акт не кријат дека на мене се гледа со прекор: ме опоменуваат дека сум во грешен такт и дека соиграчите ги газам на секој чекор. Да се бега оттука желба силна ми се јави но и порив во танцот со нив да се слијам со надеж дека маските на ѕверски глави, сепак, во себе многу човечки лица кријат. Во перики и маски толпата лица си скрила, некој си зел лик од сказна како принц клет, соседот е арлекин што тешка тага го свила, некој е паликуќа а дворски шут е секој трет. Едни со маските лице сакаат да си обелат, со веселост својот ѓон-образ да го скријат; а некој не ни сетил дека маската го кобела за да му се вреже како доживотна стрија. На орото се фатив, и мене крвта ми е врела, но сетики неспокојство ме лади кон млако: а што ќе биде ако оној со маската на џелат толку си ја бендиса па ќе живее како таков? А што ако арлекинот занавек остане тажен, па лицето секој ден во тој стил си го гримне? Ами што ако дворскиот шут се осети важен и гордо одбие глупавата маска да ја симне? И како добро лице незабележано да не мине, како чесниот да го погодиш кога нема знаме? Секој се научил да стави маска штом ќе зине, небаре без неа, со лицето ќе удри во камен! Во тајната на маските јас веќе сум вникнал, и уверен сум дека мојата теорија држи вода: секој човек на спасоносната маска свикнал - го штити од шлаканици и од плукачка мода.
Против сите маски јас водам потерата ладна, но не барам од ниту една да си открие глава зашто што ќе правам ако сите маски паднат а таму саде полулица и полумаски се јават? А ако подлецот без маска не може да оди, нека ја носи а ти држ’се за мислата добра: не криј се зад туѓо лице ни во лоши згоди, за секогаш пред сите да имаш чист образ. Со потсмев ме трупаат мене маските зли, дури и забавно е, надигаат лути викови, а зад маски се кријат, како зад дебел ѕид, обични и исплашени вистински ликови.
© Љубомир Бочваров. Превод, 2013